Другата страна на проблематиката

          Има една стара поговорка која гласи: „Наведната глава, сабја не ја сече“. Па така очигледно мнозинството од студенти волно или неволно многу убаво си ја наимаат научено оваа поговорка, и тоа наизуст, напамет, како Оче наш. Знаеме дека државата кренала раце од студентите и дека тие се ставени на последното отворче од свиралото и се заборава фактот дека тие се иднината на оваа каква, таква земја. Но тоа се приказни кои веќе секојдневно се трубат. Веќе изгледаат мелодраматични и патетични. Некој ќе се потресе, некој не го допира ништо, некој ќе се зачуди, но во глобала никој не превзема ништо, ама баш ништо. Особено не самите студенти. Поразителен факт.
          Некои како што спомнав погоре веќе станале Мефисто и си ја продале душата на ѓаволот, па така на тие веќе им е затворена устата. Други присилно ги замолчуваат, а трети и најжални се оние рамнодушните, што ништо, ама апсолутно ништо не ги допира. Па низ историјата никој така не им ја дал слободата на луѓето, никој така не им ги дал правата. За тоа се кревале демонстрации, протести, револуции. Слободата и правата се секогаш во рацете на граѓаните, само проблемот е што таа слобода и тие права треба да се чуваат, а не да му се подаруваат на џелатот. Ние, веќе очигледно, одамна се’ им предадовме на џелатите па сега молиме да ни се вратат. Факт е – државата не ги подржува студентите, тие живеат очајно, врзувајќи крај со крај, завршуваат и бегаат далеку од овој „Старечки дом“ наречен – Македонија. Но што прават студентите кога се овде, кога студираат и кога немаат ништо? За жал молчат! Е ова е другата страна на проблемот! Можеби и најпоразителната!

          Јас не знам како и не можам ама баш никако да си објаснам како овие млади луѓе, денешни студенти, немајќи ништо, живеејќи во мизерни услови во студентските домови, неослободени од плаќање на јавен превоз, хранејќи се очајно во студентските кујни, молчат и не превземаат ништо! Каде е младечкиот борбен и авангарден дух? Оној револуционерниот, оној демонстративниот, храбриот! Мене повеќе не ме зачудува индиферентното однесување на државата колку што индиферентноста на студентите! Па видете само кои права ги имаат студентите во европските земји, во какви студентски домови живеат, што јадат, како се забавуваат… па ако не друго барем треба да се заинтересираме, па после и да си побараме, па ако не ни дадат насилно да си го земеме она што е наше. А ние? И немаме и не бараме. Апсурд! Веќе Бекет и неговиот Годо не се апсурд, станаа жива реалност во Македонија. Драги студенти, пријатели, колеги, не ја бива вака работава. Проблемот има две страни, една е што ништо не прават за нас, друга е што и ние ништо не бараме. Може бараме, ама онака тивко, малодушно, како со последни сили. Е па така лесно можат да не загушат. Ние сме граѓани на една разрушена земја и ако самите не почнеме да размислуваме како да ја опоравиме, како да ги залечиме раните, се плашам дека ќе фатат гангрена, ќе се загади организамот и на крај ќе заврши трагично. Проблемот е голем, огромен, ама наш, не нивни, не нечиј, наш. Нас не засега, ние страдаме поради него. Мораме конечно да се обединиме и да си ги бараме правата, зошто ние сме луѓе, не сме животни, не сме бројќи. Конечно да ги отвориме очите, да го ослободиме затворениот дух, да прогледнеме, да видиме дека сме тука, дека сме живи, дека од нас зависат многу работи, ние сме силата, ние сме иднината. Само од нас зависи како ќе живееме како студенти, како луѓе, како граѓани на оваа земја…

          Затоа ИТНО мораме да реагираме, што побрзо да се освестиме од оваа густа магла и да ги отвориме очите. Најпрвин да го решиме нашиот проблем со молчењето, да ги отвориме устите, ама онака гласно, да рикаме, да не слушнат, да бараме за да добиеме! Зашто конечно треба да сфатиме, ние не зависиме од власта, таа зависи од нас! Само сплотени заедно во еден младешки борбен дух, можеме да си ги оствариме правата и да ги задоволиме нашите потреби, потреби за еден пристоен живот!

А.И.

Advertisements

Оставете коментар...

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s