Статут

С Т А Т У Т

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Операција Студентски Дом е доброволно, непартиско, невладино, непрофитабилно здружение на студенти кое се залага за подобрување на условите и стандардот во кои живеат студентите во студентските домови.
Операција Студентски Дом е хоризонтална организација, каде што гласот и мислењето на секој засегнат студент е подеднакво важен. Нејзиното формирање е исклучиво инспирирано од моменталната ситуација и услови во кои преживува (во буквална смисла на зборот) македонскиот студент.

Член 2
Цели

Основна цел:
– Општо подобрување на условите за живот на студентите во студентските домови, под што се подразбира:
1) Реставрација на санитарните јазли во студентскиот дом.
2) Подобрување на хигиената по ходниците, тоалетите, тушевите.
3) Зголемување на фондот на храна.
4) Намалување на цените на храната.
5) Реставрација на инвентарот (прозорци, врати, гипсени табли, кревети, бироа).
6) Прочистителна станица за вода за пиење.
7) Проверка, подобрување и реконструкција на систем за греење.
8) Проверка, подобрување и реконструкција на лифтовите.
9) Проверка, подобрување и реконструкција на целосната електрична инсталација.
10) Укинување на давачката КЗЖ (културно забавен живот)
11) Услугите – вежбална, аеробик и слично да бидат бесплатни за станарите.
12) Оформување на библиотека со стручна литература како и друг вид литература.
13) Воведување на перална во секој од блоковите како и соодветни сушални за истите.
14) Одделување на плаќањето за храна и плаќањето за престој.
15) Пренамена на просториите кујна и цртална – бидејќи студентите кои живеат таму немаат WC, туш итн.
16) Против пожарни апарати и алати на секој дел од спратевите.
17) Регулација на нелегалниот престој на нестуденти.

Останати цели:
– Подигнување на стандардот на студентот и неговата улога во нашето опшество.
– Поефективно работење на институциите кои го застапуваат студентот и поголем слух од страна на надлежните институции за неговите проблеми, ставови и идеи.
– Зголемување на свеста и одговорно однесување на студентите и службите.
– Будење на студентите и повик кон нивно активирање и самоорганизирање за проблемите кои нив директно, или индеректно ги засегаат.
– Креирање на независно и хоризонтално (нехиерархиско) тело, составено од сите студенти, кое ќе се оформи за да го реорганизира нефункционалниот студентски сојуз.

Член 3
Членство

Во нашата организачија членуваат сите сегашни студенти, станари во студентските домови, како и сите останати граѓани на РМ. Операција Студентски Дом е отворена за станарите од сите студентски домови кои ги делат нашите цели и идеали. Активно може да се вклучи било кој студент, или било кој човек кој извесен период доаѓа на состаноците на ОСД, а има искрени цели и намери. ОСД е неформално движење, па како такво нема строго членство, но сепак самото движење и неговите редовни активисти можат да воочат кои активисти доаѓаат редовно и се посветени односно, кои се активни членови на движењето, кои се вклучени само волонтерски, а кои пасивно го поддржуваат, исклучиво преку нивната морална (или фактичка) поддршка. Операција Студентски Дом НЕ Е отворена за членови кои би застапувале партиски интереси или би спроведувале партиска агенда.

Член 4
Организација

Нашата организација нема хиерархиска поставеност на функции, нема лидери, ниту „официјални“ претставници, таа не се идентификува со ниеден човечки лик и дело, туку зад неа стоиме сите како колектив, како студенти. Движењето има засебни работни групи кои ќе се активираат на различни теми и имаат координатор за секоја дадена акција, а функцијата координатор се пренесува на друг член веќе со завршувањето на истата. На секој состанок се одбира модератор(и), записничар(и), а по потреба редар(и) и техничко лице/технички лица. Овие функции, пак, се пренесуваат на други членови веќе со свикувањето на следниот состанок.

Член 5
Активности

Одржување на состаноци (датумот и нивниот број го дефинира самото членство на претходниот состанок) при кои:
– Се констатира моменталната состојба на проблематиката која ја разработуваме, проблемите кои постојат во моментот.
– Се произнесуваат идеи, ставови, мислења за надминување на истите.
– Се донесуваат одлуки за активностите кои треба да се преземат во иднина.
– Одлуките се тежнее да се носат по пат на консензус. Но, важните одлуки се носат со дво-третинско, а секојдневните со просто мнозинство.

Член 6
Начин на дејствување

Начините на дејствување на ОСД ќе се реализираат преку паралелни дејствувања, како:

– Протести
– Блокади
– Петиции
– Претставки
– Дебати
– Отворени писма
– Изјави во медиуми

И слични останати активности изберени во зависност од нашето убедување за начинот на активирање.

Операција Студентски Дом